Во серија од шест кола без победа е тимот на Силекс. Кратовската екипа влезе во мини криза, ипо трите порази сега трипати одигра нерешено со Брегалница, Тиквеш и Арсими.
Победа ќе бара денеска напладне во мечот против Башкими на гостински терен. Од Силекс го почитуваат противникот, меѓутоа ветуваат максимална и ангажирана игра за да се дојде, конечно, до триумф во Првата македонска лига.
„Играме против незгоден противник на негов терен. Башкими во последно време покажа дека може да се носи со секоја екипа, и одигра нерешено против Вардар, а го совлада тимот на Струга. Меѓутоа верувам во нашите квалитети и дека ќе го дадеме максимумот да ги освоиме трите бода во овој меч. Мораме максимално да ги испочитуваме сите задачи кои ќе ни бидат зададени, да бидеме фокусирани и се надевам дека на крајот ќе стигнеме до победата“, изјави Дарко Анѓелески, капитенот на Силекс.
Мечот помеѓу Башкими и Силекс се игра на стадионот на Башкими во Куманово со почеток во 12:00 часот.





