Алиу: Верувам во тимот, трите бода остануваат во Куманово

Екипата на Башкими брка нова победа во 10-тото коло од Првата македонска фудбалска лига, каде што на домашен терен ќе се соочи со Силекс. Кумановци влегуваат во овој дуел со голема мотивација, по значајниот триумф од 2:1 против Струга Трим Лум во претходното коло – меч кој воедно беше и успешна премиера за новиот шеф на стручниот штаб, Муарем Муарем. Сега Башкими е во потрага по втора последователна победа пред својата публика и вкупно трета оваа сезона.

„Ова е исклучително важен натпревар за да ја продолжиме позитивната серија. Силно веруваме во нашиот квалитет и со поддршка од нашата фантастична публика, убеден сум дека ќе успееме и трите бода ќе останат во Куманово“, изјави Бесјан Алиу.

Со победата над актуелниот шампион Струга Трим Лум, Башкими ja прекина серија од четири меча без триумф. Од друга страна, Силекс влегува во оваа пресметка во лоша форма, со три порази и три реми во последните три кола, односно вкупно шест натпревари без победа.

Ова ќе биде 26. дуел меѓу Башкими и Силекс. Историјата е на страната на кратовци, кои имаат 14 победи, Башкими брои 7 триумфи, додека 4 средби завршија без победник.

Мечот ќе се одигра на стадионот во Куманово, со почеток од 12:00 часот. Главен арбитар на овој прволигашки дуел ќе биде Стојанче Трпчевски.