АП Брера на домашен терен во Струмица го совлада тимот на Арсими со 2:1. Гостите го отворија резултатот, но АП Брера запиша значајни три бода во 7. коло од Прва МФЛ.
По почетните минути на испитување на силите од двете страни, гостите први се заканија во 12. минута, кога Шефит Шефити упати удар кон голот на домаќините, но голманот Вргов беше на висината на задачата. Арсими повторно се закани во 24. минута, Бесагиќ влезе во шеснаесетникот и шутираше силно, но топката заврши над голот на Вргов. Најдобрата шанса за промена на резултатот повторно ја имаше Шефити, кој излезе сам пред голманот на Брера, но неговиот удар заврши покрај голот.
Брера возврати преку Фахт, кој го совлада голманот на Арсими, но Стојанов не успеа да ја испрати топката во мрежата и таа заврши надвор од теренот.
Во 33. минута дојде до промена на резултатот, Шефити асистираше до Бесагиќ, кој успеа да го совлада Вргов за 1:0.
Кога се очекуваше крајот на првото полувреме, Брера израмни на 1:1. По корнерот од левата страна, Стефан Нумчески скокна највисоко во шеснаесетникот на Арсими и со глава ја испрати топката во мрежата на голманот Ислами.
Во првата акција од второто полувреме, Брера поведе со 2:1 по прецизниот шут на Миле Тодоров од 18 метри. Истиот играч имаше можност да постигне и втор гол, но неговиот удар заврши во стативата на Ислами.
На другата страна, Таипи од 7-8 метри шутираше покрај голот на Брера. Голманот Ислами се истакна со одлична интервенција во 56. минута, кога спречи вистинска „бомба“ на Тодоров да заврши во мрежата. Во 67. минута, Велии центрираше во опасната зона, но Бесагиќ не беше прецизен и топката помина покрај голот на Вргов.
Арсими се закануваше во неколку наврати, но резултатот остана непроменет. Во осмото коло, Арсими ќе го пречека Шкупи, додека Брера ќе гостува кај Работнички во Скопје.





