Арсими ја забележа првата победа во шампионатот

Во воведниот натпревар од третото коло, Арсими ја забележа првата победа во шампионатот, совладувајќи  го Башкими со 1:0.  Најголема заслуга за важната победа на гостиварци има Диего Контрерас, кој со својот гол ги обезбеди трите бода и најави позитивни настапи на Арсими во ПМФЛ.

Натпреварот мина во изедначена игра со малку големи шанси, а двете екипи се обидуваа да ги искористат грешките на противникот. Арсими покажа квалитет, но и Башкими одигра добро организирано, особено во одбраната, успевајќи да ги сопре налетите на домаќините.

Уште во 3. минута Рамадани се закани со удар, додека Дардишта се обиде со глава, но неговиот обид беше непрецизен и топката помина крај дирекот.

Во 22. минута, по долга топка од Саити, тој се најде во добра позиција пред голот, но неговиот удар беше непрецизен.

Пет минути подоцна, во 27. минута, Албин Рамадани упати одличен удар, но одбиената топка отиде кај младиот Каба, но одбранбениот играч на Башкими навремено интервенираше и ја спречи опасноста.

Во 37. минута, по удар од корнер, топката стигна до Велија, кој упати силен удар, но ја погоди пречката.

Во второто полувреме, Башкими имаше голема можност да стигне до водство. Во 73. минута, Рибеиро со одлична топка го пронајде Енсар Саити, кој остана сам пред голманот. Саити шутираше, но голманот Слијановски одлично реагираше и со нога го спречи сигурниот гол.

Кога се очекуваше натпреварот да заврши без голови, во 82. минута дојде моментот на одлука. Диего Контрерас, при вториот допир со топката, упати силен удар и го постигна победничкиот гол за 1:0, носејќи му на Арсими исклучително важни три бода.

Башкими со младите сили се обидуваше до самиот крај да стигне до израмнување, но не успеа да ја затресе мрежата на гостиварци.

Кумановскиот тим ќе ја бара првата победа во следното коло, кога на гости во Штип ќе се соочи со Брегалница.

Арсими, пак, по оваа значајна победа ќе има нов предизвик против Шкендија од Арачиново, со надеж дека ќе продолжи со позитивни резултати во шампионатот.