Башкими и АП Брера ги поделија бодовите во Кумановo

Eкипите на на Башкими и АП Брера одиграа нерешено во Куманово. Иако второто полувреме понуди возбудувања и неколку зрели шанси, сепак напаѓачите на двете екипи не беа на висина на задачата.

Првите 45 минути донесоа цврста и тактички затворена игра. Двата тима беа повеќе фокусирани на сопствениот гол отколку на офанзивни акции. Во овој дел од играат вредни за споменување беа само неколкуте неуспешни обиди на Алими кај домаќините и на Тодоров кај гостинскиот состав.

Второто полувреме донесе многу подинамичен фудбал и повеќе шанси на двете страни.

Во 59. минута Петејчук упати силен удар од околу 17 метри, но топката заврши покрај голот на Брера. Осум минути подоцна, Куако од АП Брера изведе „магичен“ потег кога шутираше од 16 метри, но за среќа на домаќините, топката го погоди самиот спој помеѓу пречката и стативата.

Во 68. минута, Аворнио влезе во опасната зона, но неговиот обид беше непрецизен. Во 75. минута, голема грешка на гостинскиот дефанзивец Луковиќ му овозможи на Аворнио идеална шанса за гол, но напаѓачот на Башкими не го искористи овој „подарок“ и шутираше над голот.

Во самите завршни моменти од средбата, АП Брера имаше уште една прилика да ги однесе трите бода. По еден изведен корнер, Луковиќ се најде во позиција за шут со глава, но неговиот удар не беше доволно прецизен за да го совлада голманот Јашар.

На крајот, двата тима мораа да се задоволат со по еден бод, во натпревар каде среќата и концентрацијата во завршницата беа пресудни за крајниот исход.