Башкими во лов на прв триумф и прв гол против Струга

Екипата на Башкими, предводена од новиот шеф на стручниот штаб Муарем Муарем, денеска влегува во борба за историска прва победа против екипата на Струга Трим Лум, откако ги загуби претходните три меѓусебни пресметки во Првата македонска фудбалска лига.

Паузата поради репрезентативните настапи во Лигата на нации, кумановци ја искористија за подигнување на формата преку пријателски натпревари со косовските прволигаши Дрита (1-1) и Гнилане (0-3). Во таборот на Башкими владее оптимизам и верба во позитивен резултат.

„Дуелите со Струга Трим Лум секогаш носат посебен мотив. По репрезентативната пауза се враќаме максимално подготвени и со зад себе вложен многу труд. Влегуваме во беспоштедна борба за да ги освоиме трите бода во Куманово и да ги израдуваме нашите верни навивачи“, истакна меѓу другото Антонио Да Силва Санка.

Во пресрет на овој последен дуел од 9-тото коло, интересна е статистиката која открива дека Башкими не само што ги загуби сите три досегашни меѓусебни средби со стружани, туку сè уште нема постигнато ниту еден гол во нивната мрежа.

Пресметката меѓу Башкими и Струга Трим Лум се игра денеска на Градскиот стадион во Куманово со почеток од 15:00 часот, а правдата ќе ја дели главниот судија Стојанчо Стојанов.