Закариќ беше херојот на Вардар за триумф против Скопје

Вардар избегна непријатно изненадување и со драматичен пресврт славеше со 1-2 на гостувањето кај Скопје на стадионот „Железарница“. Херој на актуелниот шампион беше Горан Закариќ, кој ги постигна двата гола за „црвено-црните“, а победничкиот погодок го реализираше во третата минута од судиското продолжение.

Скопје одигра одлично прво полувреме и на одморот замина со предност од 1-0, откако Виктор Ангелов ја затресе мрежата на гостите во 26. минута. Сепак, домашниот тим не успеа да ја задржи предноста до крајот и остана без бодови.

Првото големо возбудување се случи во 20. минута, кога Гордиќ шутираше, а Маневски при лизгачки старт беше погоден во раката. По долга проверка во ВАР-собата, при која се разгледуваа можен офсајд и потенцијален пенал, беше одлучено играта да продолжи.

Шест минути подоцна, Скопје поведе. Али Адем се проби по десната страна и испрати топка во средината, каде што Виктор Ангелов се најде на вистинското место и ја погоди мрежата на Вардар.

Примениот гол ги разбуди вардарци, кои до крајот на првиот дел се обидуваа да израмнат преку Данев, Азер Омерагиќ, Пиреш и Матиќ, но Кристијан Наумовски и одбраната на Скопје ја зачуваа предноста.

Вардар продолжи со офанзивата и по паузата. Во 58. минута, Кастањеда имаше одлична можност, но Наумовски интервенираше со нога. Само две минути подоцна, сепак, немаше спас за голманот на домаќините.

Пиреш нафрли од левата страна, а Горан Закариќ со удар со глава од непосредна близина го израмни резултатот на 1-1.

Пет минути подоцна, Омерагиќ се најде во добра позиција, но шутираше директно во Наумовски. На спротивната страна, Виктор Ангелов можеше повторно да го донесе Скопје во водство, но овојпат Талески беше на висината на задачата.

Во 81. минута, Давид Бабунски се обиде од слободен удар, но го погоди живиот ѕид, а во продолжението на акцијата Бобан Николов имаше можност со глава да ја затресе мрежата, но не го зафати најдобро ударот.

Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, Вардар зададе решавачки удар. Во 93. минута повторно следуваше нафрлување од левата страна, а Закариќ уште еднаш беше најдобар во скокот и со прецизен удар со глава донесе голема радост за шампионот.

Со двата гола на Закариќ, Вардар освои три бода во драматичниот финиш и ја продолжи борбата за врвот на табелата, додека Скопје остана без награда за доброто издание пред домашната публика.