Без притисок, Силекс ќе оди по изненадување против Шкендија

Третото место веќе е „невозможна мисија“ за Силекс. Кратовскиот тим на крајот ќе заврши како четвртопласиран во ПМФЛ, а целиот фокус на избраниците на Александар Васоски ќе биде ставен во Купот на Македонија.

Затоа Силекс без резултатски или било каков притисок ќе се обидат да и го „попречат“ патот на Шкендија. И покрај тоа што за нив овој меч нема никакво значење, најавуваат дека до крајот ќе се борат за што повеќе бодови, и ќе се обидат да го изненадат противникот.

„Не очекува еден добар натпревар против квалитетен противник како што е Шкендија. Иако шансите за тоа трето место се минимални, ние на секој натпревар ќе играме како до сега, и ќе одиме на победа. Секако дека фокусот ни е во Купот, но и во првенството сакаме да освоиме што повеќе бодови. Шкендија е во трка за титулата, но нас тоа не ни значи ништо. Гледаме само за нас, и на секој натпревар до крајот, без разлика на противникот, ќе се надигруваме и ќе се обидеме да освоиме што повеќе бодови“, изјави капитенот на Силекс, Дарко Ангелески.