Пораз од Башкими, и веднаш заостанување од првото место за тетовска Шкендија. Разликата со Вардар сега изнесува четири бодови. Во финишот секоја грешка се плаќа, па така тетовските „црвено-црни“ ја платија по поразот на домашен терен.
Сега секоја нова грешка на Шкендија ќе го доближи Вардар уште повеќе до шампионската титула. Затоа тетовци немаат право на кикс. Едноставно, Кратово мора да биде освоено, да бидат освоени трите бода, ако се сака да се остане во трката за одбрана на шампионскиот пехар.
„Искрен да бидам, разочарани сме од последниот меч од Башкими. Не го заслуживме тој пораз, но нема запирање. Мораме да преземеме одговорност, да покажеме карактер и веднаш да реагираме против Силекс. Пред нас имаме незгоден противник, особено кога игра на свој терен во Кратово. Не очекува тежок меч. Добро ги анализиравме грешките од минатото, и мораме да влеземе во мечот со 100% концентрација. Фокусирани сме само на нашиот тим. Сите играчи се обединети и ќе го дадат максимумот за овој клуб. Нашата цел е јасна, а тоа е до последното коло да се бориме и да дојдеме до титулата“, рече Имран Фетаи, стоперот на Шкендија.





