Струга Трим Лум доживеа непријатен пораз од Башкими во минатото коло, но сака брзо да се врати на победнички колосек. Ќе се обиде тоа да го стори на дуелот против Шкендија Арачиново на „Чаир“.
Сепак, играчот за врска Бесмир Бојку е свесен дека тимот ќе има тежок предизвик пред себе.
„Очекуваме тежок натпревар, бидејќи Шкендија Арачиново е квалитетен противник, а дополнителен предизвик е тоа што играме на гостински терен. Сепак, ќе влеземе во натпреварот добро подготвени и максимално мотивирани, со цел да го дадеме најдоброто од себе и да оствариме позитивен резултат. Мораме да бидеме компактни во одбраната, да ги искористиме шансите што ќе ни се укажат и да се бориме за секоја топка во текот на сите 90 минути“, вели Бојку.
По поразот во Куманово, лекцијата е научена и ќе мора многу подобро на „Чаир“.
„Поразот од Башкими ни послужи како лекција и свесни сме дека мораме да реагираме. Имаме тим со карактер и квалитет, па ќе го дадеме максимумот за да покажеме сосема поинакво лице на теренот. Се надеваме дека со залагање, дисциплина и тимска игра ќе успееме да стигнеме до позитивен резултат против Шкендија Арачиново“, порача еден од креаторите на играта на Струга Трим Лум.
Натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Струга Трим Лум е закажан за денеска, со почеток во 12 часот на стадионот „Чаир“, а ќе го суди Влатко Илиоски.





