Тодоров: Да одиграме квалитетно и да оствариме позитивен резултат

Дуелот меѓу Шкендија Арачиново и Струга Трим Лум го отвора 10-тото коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). По ремито со тетовска Шкендија, домашниот состав го очекува уште еден тежок тест против екипа од самиот врв на табелата.

„Пред сè, сакам да истакнам дека имаме голем респект кон тимот на Струга. Станува збор за сериозен, квалитетен и добро организиран противник кој поседува квалитетни играчи и знае како да игра на вакви натпревари. Свесни сме дека нè очекува тежок и неизвесен меч, но исто така веруваме во нашите квалитети и во работата што ја завршивме во изминатиот период. Во текот на целата недела максимално се подготвувавме за овој дуел. Напорно и дисциплинирано трениравме, детално ја анализиравме играта на противникот, нивните силни страни, но и просторот што можеме да го искористиме. Атмосферата во екипата е одлична, сите играчи се мотивирани и подготвени да го дадат својот максимум на теренот“, истакна Мартин Тодоров.

Фудбалерот од средниот ред на арачиновци верува дека Шкендија може да дојде до позитивен резултат доколку во потполност ги спроведе упатствата од стручниот штаб.

„За нас најважна е нашата игра – да бидеме дисциплинирани, концентрирани и борбени од првата до последната минута. Верувам дека доколку ги исполниме договорените задачи и го спроведеме она што го подготвувавме на тренинзите, можеме да се надеваме на добар натпревар и позитивен резултат. Го почитуваме противникот, но на теренот ќе излеземе со голема самодоверба, желба за надигрување и јасна цел – да одиграме квалитетно и да оствариме позитивен резултат“, заклучи Тодоров.

Во нивниот единствен досегашен меѓусебен дуел во Првата лига, екипата на Струга Трим Лум славеше со 3:0.

Натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Струга Трим Лум ќе се одигра на стадионот во Чаир со почеток од 12:00 часот, а главен судија на патот ќе биде Влатко Илиоски.