Данев и Закариќ донесоа триумф за Вардар против Брегалница

Македонскиот првак Вардар успешно ја стартуваше одбраната на титулата, откако на Националната арена „Тодор Проески“ ја совлада Брегалница со 2-0. Димитар Данев во 27.минута и Горан Закариќ во 81.минута беа стрелци на головите за вардарци, кои апсолутно ги заслужија трите бода со прикажаното на теренот.

Пиреш се закани во втората минута, но неговиот удар од 14 метри успеа да го одбрани Амир Јашар и исфрли во корнер.

По ова, Брегалница нанижа четири корнери, а Калпачки испрати удар над голот во десеттата минута. 

Вардар имаше убава шанса преку Горан Закариќ во 19.минута, но српскиот интернационалец шутираше за малку крај голот.

Осум минути подоцна, Вардар дојде во водство. Закариќ повлече во противнапад, го проигра Спахиу на десната страна, следеше центаршут во петерецот, каде Димитар Данев рутински реализираше.

Во 30.минута, Горан Закариќ постигна погодок, но по интервенција од ВАР-собата беше утврдено дека играл со рака непосредно пред ударот.

На почетокот на второто полувреме Брегалница имаше шанса за израмнување, но Ненад Мишковски во последен момент го блокираше ударот на Мартин Стојанов.

Тренерот на Вардар, Кристијан Фабијани, направи пет замени, во игра влегоа Омерагиќ, Родригез, Кастањеда, Јанкулов и Маневски, па офанзивата доби уште посилна димензија.

Во 63.минута, одлична тимска акција изведе Вардар, на крајот Азер Омерагиќ зафати волеј-удар, но топката заврши за малку над гредата.

Две минути подоцна се закани Мартин Стојанов, но Диковски успеа да одбрани. Следеа две шанси на Азер Омерагиќ, но и понатаму остана минималното водство на домаќинот.

Потоа се обиде и Герсон Родригез, не беше прецизен, но затоа во 81.минута му подготви одлична можност на Горан Закариќ, кој успеа да погоди од 17 метри за 2-0.

Вардар по ова повторно се фокусира на европскиот предизвик, реванш натпреварот против Рига во Конференциската лига на УЕФА.