Драма без победник, Работнички и Пелистер постигнаа по три гола

Дуелот на Работнички и Пелистер имаше големо значење во борбата за опстанок и двете екипи влегоа мотивирани да постигнат гол и да му дадат свој посакуван тек на натпреварот. За чудо, и на двете им успеа речиси „од прва“ па така по само 9 минути игра, резултатот беше 1:1 и мечот како да започна од почеток.

За тоа да се случи, прво дојде до водството на Работнички во четвртата минута, кога продорот по левата страна донесе идеално проигрување на втората статива и Сухељ Муарем постигна гол без мака. Во слична ситуација, по акција од лево, Кире Ристевски ја прими топката во противничкиот шеснаесетник, а по „лесната прошетка“ го проигра Булатовиќ кој биеше прецизно.

Новиот старт одеше помалку фуриозно од претходно, па дури во 26 минута страстите повторно се разгореа кога беше досуден пенал за Работнички, а негов реализатор беше Демири. Пелистер повторно посака да се реваншира, но до крај на првиот дел ја бележиме само шансата во 34 минута кога Керим нафрли од лево, а Ондоа иако беше највисок во скокот ја испушти топката, но немаше кој да казни  и Мерџани расчисти.

Второто полувреме донесе почетна доминација на Работнички, па во 51 минута Мухарем имаше нова шанса од речиси идентична позиција по која падна и првиот гол, но овој пат беше непрецизен, додека две минути подоцна Манојлов од левата страна биеше непрецизно.

Пелистер создаваше притисок и успеа да освои неколку корнери, но во 55 минута откако Булатовиќ доби една одбиена топка, биеше во ѕидот од домашни фудбалери, но од тоа произлезе контра напад, кој Работнички го реализираше, а овој пат стрелец беше Дитмир Хоџа.

Тука домашните застанаа, иако до крајот имаше повеќе од пола час игра. Се редеа шанси за Пелистер, во 57 минута капитенот Мирко Ивановски го проигра Булатовиќ, но овој биеше над пречката. Во 65 минута по контрата на Србијанац, одбиената топка дојде до Спироски, но биеше млако во голманот Ондоа. Само две минути подоцна Керим се ослободи со дриблинг по десната страна, но потоа биеше неодредено.

Домашните демонстрираа цврста одбрана и се обидуваа исклучиво со контра напади да дојдат на противничката половина, но де факто на тој начин упатија само уште еден шут преку Муаремво 71 минута. Во финишот, притисокот на Пелистер конечно вроди плод, откако Керим смирено го проигра нововлезенот Петковски меѓу неколку фудбалери, а овој ефектно со волеј го матираше голманот.

Во 86 минута битолчани бараа пенал за прекршок над Петровиќ, но од ВАР судиите тоа беше отфрлено. Уследи акција по која Керим и Петковски повторно му дадоа шанса на Ондоа да се истакне, за во 92 минута конечно Мирко Ивановски да успее со реакција „од прва“ да ја искористи асистенцијата на Спироски и со помош на стативата да го совлада Ондоа.

Битолчани имаа шанса и за комплетен пресврт во 95 минута, но по проигрувањето од Србијанац,  Петровиќ успеа да го принуди Ондоа на уште едно исфрлање во корнер,

Со овој бод, Пелистер се изедначи со Брера (двете екипи имаат по 33 бода) и сега го презема осмото место на табелата со ист број бодови, но подобра гол разлика. Работнички со 29 бода е претпоследен, зад Македонија ЃП која вчера славеше над Шкупи и со 30 бода е на 10 место.

Идното коло носи два нови меѓусебни дуели на екипите од борбата за опстанок, Пелистер – Шкупи и Брера – Работнички.