Еден гол доволен: Арсими слави, Пелистер ја плаќа неефикасноста

Арсими со тешко изборена победа од 1:0 стигна до три нови бода и на извесен начин го осигура опстанокот во елитното друштво, додека Пелистер и покрај теренската надмоќ, повторно ги потврди проблемите со реализацијата.

Двете екипи беа мошне претпазливи, со јасна намера да ги запрат противничките акции уште надвор од сопствениот шеснаесетник. Играта најчесто се сведуваше на пресретнување и оневозможување на продорите, па двата удари од далечина беа речиси единствените возбудувања во првите 40 минути.

Стефан Спировски се обиде со удар од дистанца кој заврши над пречката, додека домашните преку Бајо упатија еден безопасен удар кон голот на Јовчевски.

Сепак, во 43. минута дојде до пресврт на настаните. По една течна акција, фудбалерите на Арсими успеаја да го префрлат тежиштето од десната на левата страна. Имаа и доза среќа, бидејќи топката помина покрај неколку играчи на Пелистер, од Сикиру до Дардишта, при што еден дефанзивец на битолчани ја допре, но недоволно за да ја оттурне опасноста. Дардишта тоа го искористи и реализираше за водство на Арсими.

Веќе во следниот напад, Пелистер имаше одлична можност за израмнување. По брз продор по левата страна, следеше префрлување на спротивната страна, каде што Спировски шутираше од прва, но пречката беше сојузник на Сиљановски.

Вториот дел започна со иницијатива на гостите од Битола. Тренерот Секуловски направи двојна измена за освежување, по што следуваа неколку корнери и слободни удари. Лука Булатовиќ во два наврати се обиде од прекин, но беше непрецизен, додека Петровиќ не ја искористи следната полушанса.

Најатрактивниот момент во второто полувреме се случи во 67. минута, кога по една нафрлена топка од десната страна, Спировски со глава ја спушти до Булатовиќ, но неговиот волеј повторно заврши непрецизно.

Тренерот Реџеп Гајур се одлучи за поизразена дефанзивна поставеност, но Арсими имаше свои шанси преку контранапади. Хуриќ, по едно прецизно проигрување, шутираше слабо од работ на шеснаесетникот, додека Бајо во 71. минута биеше над голот од околу 18 метри. Абдули се обиде атрактивно во 85. минута, но без вистинска закана по голот на Јовчевски.

Последните обиди на Пелистер беа дело на резервистите Здравевски и Мрмачевски. Во првиот случај беше изнуден корнер, а во вториот Сиљановски навремено интервенираше и ја неутрализираше опасноста.

Со оваа победа, Арсими стигна до 35 бода и се искачи на 7. место, престигнувајќи ја Брера. Сепак, струмичани имаат натпревар помалку и со евентуална победа можат да се израмнат по бројот на бодови со гостиварци. Пелистер останува на 26 поени, еден повеќе од Работнички и три од Македонија Ѓорче Петров.