АП Брера посакува триумф против директниот ривал за опстанок

Тимот на АП Брера во еден од директните дуели за опстанок денеска (15:30 часот) ја пречекува Македонија ЃП. Првенството влезе во самата завршница и сега веќе нема простор за големи грешки.

Го знае тоа и стратегот на АП Брера, Мартин Алаѓозовски.

„Ова е еден од мечевите против директните конкуренти за опстанок. Немаме право на кикс. Играме на домашен терен и нашата цел е да ги освоиме трите бода. Знаеме дека нема да биде лесно, затоа што и на Македонија ЃП бодовите и се многу потребни. Но, подготвени сме за надигрување и веруваме дека ќе успееме да стигнеме до триумф“, вели шефот на стручниот штаб на АП Брера.

Струмичкиот тим во моментот се наоѓа на осмата позиција со 32 бода, колку што има и седмопласираниот Арсими и е во трка за избегнување на позициите кои водат во бараж за опстанок. Македонија ЃП е на претпоследното место, со 23 бода на контото.