Џемаили: Со максимален респект и целосен фокус до победа против Шкупи

Фудбалерот на Арсими, Семир Џемаили, зборуваше во пресрет на претстојниот натпревар против Шкупи, осврнувајќи се на актуелната состојба на противникот, како и на целите на својот тим во продолжението од сезоната.

Џемаили истакна дека Шкупи е клуб со големо име и традиција во македонскиот фудбал, кој во минатото важеше за еден од најквалитетните и најреномираните тимови. Според него, моментално клубот се соочува со тежок период поради различни проблеми.

И покрај тоа, фудбалерот на Арсими нагласи дека неговата екипа ќе влезе во натпреварот со максимален респект и сериозен пристап, без потценување на противникот.

“Шкупи е голем клуб со богата историја. Ние не гледаме на нивната моментална ситуација, туку се подготвуваме сериозно и со почит, исто како и против секој друг тим во лигата”, изјави Џемаили.

Тој се осврна и на последниот натпревар против Работнички, изразувајќи разочарување од исходот и нагласувајќи дека Арсими заслужил повеќе, но малите грешки скапо ги чинеле.

„Против Работнички одигравме солиден натпревар, но некои ситни грешки не казнија. Тоа се детали на кои мора да внимаваме во продолжението,“ додаде тој.

Во однос на целите на клубот, Џемаили истакна дека примарната цел на Арсими останува опстанокот во Првата лига, потенцирајќи дека секој нареден натпревар за нив е како финале.

“За нас секој натпревар е од огромно значење. Потребен е максимален фокус до самиот крај за да ја оствариме целта,“ заклучи фудбалерот на Арсими

Натпреварот Арсими -Шкупи се игра на Градскиот стадион во Гостивар со почеток во 12 часот.