Фабрис Тамба го „нокаутира“ Вардар на Арената

Шкендија го доби првото дерби против Вардар оваа сезона откако го победи актуелниот шампион со 0-2 на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Фабрис Тамба, кој влезе на почетокот на вториот дел, беше двоен стрелец во 52.минута и во 77.минута.

Артим Положани успеа да го надмудри Кристијан Фабијани, а Шкендија беше за класа подобра според прикажаното на дерби пресметката.

Вардар ја имаше првата закана во 12.минута, кога Кастањеда упати удар од 20 метри, но не беше прецизен. Веќе во следната минута многу поизгледна шанса имаше Пулеио, шутираше силно од 12 метри, но исто така непрецизно.

Во 16.минута, Герсон Родригез упати удар со глава, но директно во голманот на Шкендија, Ферат Рамани. Пред крајот на првото полувреме, Бесарт Ибраими се обиде со шут од 18 метри, кој Давор Талески успеа да го одбрани.

Во последните мигови од првиот дел, Бобан Николов се обиде од слободен удар од 25 метри, но не беше прецизен.

Во 49.минута, Шкендија имаше шанса да поведе. Круезиу изведе брза акција, шутираше од 14 метри, но обидот во последен момент заврши во блок и во корнер.

Потоа следеше и удар на Трумчи од десната страна, но не беше доволно прецизен. Тоа беше најава за водството на Шкендија во 52.минута. Фабрис Тамба кој доби шанса на почетокот на второто полувреме го отвори резултатот, откако одлично беше проигран од Нзенгуе.

Вардар можеше да возврати само две минути подоцна. Пиреш продре по левата страна, шутираше откосо од левата страна, но Рамани успеа да одбрани.

Во 73.минута, колосална шанса пропушти Криезиу. Проигран од Красниќи, излезе сам пред Давор Талески, тргна во дриблинг и погреши, носејќи ја топката во гол-аут.

Во 77.минута, Фабрис Тамба ја удвои предноста на Шкендија. Неуспешна офсајд замка на вардарци, Тамба излезе сам пред Давор Талески и со лоб удар погоди на вистинското место.

По завршувањето на натпреварот, се случи и физичка пресметка на теренот меѓу поголем број актери.