Хет-трик на Булатовиќ во убедливиот триумф на Пелистер против Работнички

Пелистер го совлада Работнички со 4-1 во последниот меч од 17.коло во Првата фудбалска лига. На натпреварот на стадионот „Петар Милошевски“ блескаше играчот за врска на Пелистер, Лука Булатовиќ, кој постигна хет-трик.

Домаќинот дојде во водство во 16.минута, откако Булатовиќ одлично реагираше на центаршутот на Ристовски од десната страна.

Девет минути подоцна, Пелистер можеше да ја удвои предноста, но Јован Попзлатанов спаси на гол-линијата.

Вториот гол за Пелистер дојде во 33.минута. Булатовиќ продре по десната страна, сакаше да нафрли, но топката ефектно заврши во мрежата на Фабрис Ондоа.

Во 37 минута, Ристовски стартуваше над Бошнаков, а судијата Јован Качевски покажа на белата точка. Бесир Демири беше успешен реализатор на пеналот за 2-1 по првиот дел.

На почетокот на второто полувреме, трет гол за Пелистер. Милан Србијанац нафрли од левата страна, а Лука Булатовиќ зафати волеј и успеа да ја затресе мрежата на Работнички во 48. минута.

Во завршницата од мечот, две убави шанси за Работнички имаше напаѓачот Џејсон Езеб, но не беше прецизен, и со глава и со нога.

Во 83 минута, по интервенција на ВАР, Качевски му покажа црвен картон на домашниот фудбалер Филип Петровиќ.

Сепак, и со играч помалку Пелистер постигна уште еден погодок. Вилдан Керим во судиското надополнување погоди за конечни 4-1.