Хоџиќ: Фокусирани сме на нашата цел, освојување на трите бода

По нерешениот резултат со Македонија ЃП, Башкими остана без тренер откако беше прекината соработката со тренерот Муарем Муарем.

Во првиот натпревар од 12-тото коло, тимот од Куманово на дуелот против Арсими ќе го предводи Мите Митев, шефот на техничкиот штаб. Напаѓач од Босна и Херцеговина во редовите на Башкими, Недим Хоџиќ, смета дека и покрај промената во стручниот штаб, атмосферата во тимот е на високо ниво и дека од Гостивар ќе се вратат со три бода.

„Одиме на натпреварот најподготвени што можеме. Фокусирани сме на остварување на нашата цел, а тоа се 3 бода. Иако имаше промена на тренер, атмосферата во тимот е на одлично ниво. Сите играчи се подготвени и едвај чекаат да почне натпреварот. Сите сакаме да ги израдуваме нашите навивачи и со Божја помош, конечно да прославиме“, изјави Недим Хоџиќ.

Последниот натпревар меѓу овие две екипи во Куманово заврши нерешено (1-1). Натпреварот меѓу Арсими и Башкими ќе се одигра на стадионот во Гостивар, а почетокот е закажан за  13:30 часот.