Конечно три бода за Тиквеш во Кавадарци

Со минимални, но целосно заслужени 1:0, екипата на Тиквеш конечно ја запиша првата победа оваа сезона во Првата македонска фудбалска лига, и тоа во шестото коло против составот на Шкупи.

Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше искусниот напаѓач на домаќините, Берат Садик, кој погоди во 27. минута по лошата реакција на Марио Ричков во одбраната на Шкупи.

Овој дуел ќе остане запаметен и по големиот број неискористени прилики, особено од страна на домаќините. Она што денеска го промашија Иван Ивановски, Миловановиќ, Стојанов и уште неколкумина, навистина беше за неверување. Тиквеш упати над 25 удари кон голот на противникот, но само еден заврши во мрежата на Гроте.

Голманот на гостите, Гроте, се најде во центарот на вниманието, во првиот дел со неколку одлични интервенции, а во вториот дел поради грубиот старт надвор од шеснаесетникот врз Садик. Со високо подигната нога, директно во лицето на напаѓачот, го принуди судијата Ралевски, по консултација со ВАР-технологијата, да му додели директен црвен картон.

Со оваа победа, Тиквеш стигна до петтиот бод сезонава и резултатски се рехабилитира, додека Шкупи останува без освоени бодови и со многу прашалници за иднината во домашниот шампионат.