Малески и донесе три бода на Струга, Бабунски не реализира пенал за реми

Струга Трим Лум излезе како победник во дербито против Вардар во третото коло од Првата македонска фудбалска лига, откако на домашен терен славеше со 1-0. Христијан Малески го постигна единствениот гол на натпреварот, додека Вардар во самиот финиш пропушти огромна шанса да избегне пораз. Давид Бабунски во 96.минута не успеа да реализира пенал за првакот.

За актуелниот шампион ова е втор последовен пораз во првите три кола, додека Струга Трим Лум продолжува со одличен старт на сезоната.

Првата посериозна можност дојде во 11. минута, кога настана мешаница пред голот на домаќините, но Папе Фал навреме интервенираше и ја расчисти топката пред гол-линијата.

Четири минути подоцна, Филип Најдовски се обиде со удар од далечина, но топката заврши надвор од рамките на голот.

Струга можеше да поведе во 41. минута. По одличното додавање од Буњамин Шабани, Марјан Радески се најде во добра позиција и шутираше од околу 15 метри, но Давор Талески одлично интервенираше.

Вардар возврати две минути подоцна преку Дарко Велковски, кој по корнерот од десната страна упати удар со глава, но директно во Андреј Јовчевски.

Последната шанса во првиот дел ја имаше Диего Кастањеда, кој шутираше од околу 18 метри, но топката заврши над голот на Струга.

Домаќините стигнаа до предност во 61. минута. Шабани одлично го проигра Малески, кој од десната страна упати силен удар и го совлада Талески за 1-0.

Само две минути подоцна Малески можеше да го постигне и вториот гол, но овојпат голманот на Вардар беше поуспешен и спречи зголемување на предноста.

 Вардар во продолжение тргна по израмнување. Во 75. минута Мислав Матиќ се закани со удар со глава, но Јовчевски беше сигурен и ја сочува својата мрежа.

Гостите добија идеална можност за израмнување во 96. минута. По центаршутот на Михаил Маневски, Дијако играше со рака во шеснаесетникот, а судијата покажа на белата точка.

Одговорноста ја презеде Давид Бабунски, но неговиот удар заврши високо над голот. Со тоа Вардар ја пропушти последната шанса за бод, а Струга Трим Лум стигна до три бода во дербито.