Силекс запиша важна гостинска победа од 1:0 против Арсими во Гостивар, во натпревар од 4. коло од Прва МФЛ. Единствениот гол на мечот го постигна Мартин Мирчевски во 18. минута. ВАР проверката од моментот на погодокот потврди дека стрелецот Мирчевски е точно 47.7 сантиметри зад одбраната на противникот и голот е регуларен. Исправна одлука на помошниот судија, Имран Абази.

Натпреварот беше тежок, со малку акции и ретки возбудувања пред двата гола. По центаршутот на Рајков од десната страна, топката стигна до Мирчевски, кој од блиску стрелаше покрај далечната статива и ја затресе мрежата на Арсими. Домаќините реагираа со протести, барајќи офсајд, но судијата Бафто, по консултација со ВАР-собата, го потврди погодокот како регуларен.
Арсими се обиде да се врати во игра, но дисциплинираната одбрана на гостите не дозволи израмнување. Напротив, Силекс беше поопасен во продолжението, создавајќи неколку добри шанси преку Алиќ, Пирес и Хрвановиќ, додека Ефтимов имаше извонредна можност, но Ислами успешно интервенираше.
Од 60. минута домаќините ја презедоа иницијативата. Дардишта се закани со удари со глава, а Белули од слободен удар биеше силно, но голманот на Силекс повторно беше сигурен. Во завршницата Арсими притисна уште повеќе преку Белули и Хурич, кој се обиде со ножички, но израмнувањето не дојде.
Со овој пораз, Арсими го запиша вториот неуспех на домашен терен, по оној против Струга, додека Силекс ја потврди добрата форма и го зацврсти статусот на вицешампион.





