Струга ТЛ го декласира Башкими на тешкиот терен во Куманово

Струга Трим Лум продолжува со максимален ефект во Прва МФЛ и по 4. одиграно коло. На тежок терен во Куманово, актуелниот шампион го совлада Башкими со убедливи 5:0, забележувајќи ја најголемата гостинска победа во својата историја во елитата.

Натпреварот започна активно, а првите закани ги имаше Струга. Во 5. минута Илијоски биеше силно, но топката мина покрај голот. Само минута подоцна Радески продре од левата страна и шутираше, но без реализација. Во 16. минута Диако од само пет метри со глава не успеа да погоди во мрежата на Башкими.

Во 21. минута, поради груб старт и со интервенција на ВАР, Марко Симоновски доби директен црвен картон. По тој момент, на теренот постоеше само една екипа, Струга Трим Лум.

Гостите веднаш ја искористија предноста од фудбалер повеќе и преку Компаоре поведоа со 0:1. Неколку минути подоцна, Личина направи грешка со враќање кон својот голман, но Шабани не успеа да реализира и покрај тоа што го мина и чуварот на мрежата. Само една минута подоцна, Мици испрати вистински проектил кој заврши во стативата.

Првата сериозна шанса за Башкими дојде во 34. минута, кога Џелили излезе сам пред голманот на Струга, но не успеа да реализира. Веднаш потоа следуваше казна, Радески по асистенција од Шабани зголеми на 0:2.

Во вториот дел, гостите целосно ја контролираа играта. Во 56. минута Компаоре беше на вистинското место и го постигна својот втор гол, а петти сезонава, за водство од 0:3. Во 68. минута, по брза контра, Буњамин Шабани зголеми на 0:4.

Десет минути пред крајот Башкими можеше да намали, но Хоџиќ не реализираше од пет метри. Во 85. минута Маневски стави точка на мечот, постигнувајќи го петтиот гол за убедлива победа од 0:5.

Со оваа победа, Струга Трим Лум ја потврди доминацијата и остана тим со максимален ефект во новата сезона.