Муарем: Мечот во Ѓорче Петров е екстремно важен за Работнички

Тимот на Работнички продолжува со грчевитата борба за опстанок во елитата. По очајниот прв дел од сезоната, составот од Дебар Маало оваа пролет игра многу подобро, но сѐ уште се наоѓа во загрозената зона на табелата.

Во последните пет кола, „романтичарите“ ќе се обидат со максимален ефект да се извлечат и да останат меѓу прволигашите и следната сезона.

Пред Работнички денеска е нов голем предизвик, тимот на Муарем Муарем гостува во Ѓорче Петров и ќе има дуел со еден од директните ривали за опстанок, Македонија ЃП.

„Мечот во Ѓорче Петров е екстремно важен за Работнички. Играме против директен ривал за опстанок и секога грешка може да биде кобна. Македонија ЃП игра многу подобро пред своите гледачи, а ние ќе мора да ги сведеме нашите грешки на минимум доколку сакаме да ја оствариме целта. Ги анализиравме нашите лоши потези од претходното гостување во Ѓорче Петров кога загубивме и подготвени сме да одиграме на многу подобро. Се надеваме на позитивен резултат за нас“, изјави тренерот на Работнички.

Натпреварот меѓу Македонија ЃП и Работнички е закажан за 16 часот, на стадионот во Ѓорче Петров. Во пресрет на денешниот дуел, домаќинот се наоѓа на претпоследната позиција со 24 бода, додека Работнички е место погоре со 28 бода, но и двата тима се во зоната за испаѓање.