Да се биде или не за Македонија ЃП

Денеска продолжува актуелното 29. коло од домашниот шампионат, во кое на стадионот во Ѓорче Петров ќе се сретнат домаќинот Македонија ЃП и Работнички.

Оваа градска пресметка која стартува до 16:00 часот значи само едно за двата тима. Освојување на бодови кои ќе значат задржување на шансите за останување во прволигашката конкуренција.

Двата тима се во лоша состојба на табелата. Македонија ЃП е претпоследна, единаесетта со 24 додека Работнички е место погоре со четири бода повеќе.

„Лавовите“ седум кола немаат победа и во нив имаат забележано само еден нерешен резултат, оној против АП Брера и шест порази.

Последен пат кога Македонија ЃП победи во домашниот шампионат беше токму дуелот против Работнички одигран на 4. Март  токму на свој терен кога славеше со 3:1. Стрелци на головите беа Адем, Стојчевски и Николиќ.

Сега ситуацијата е сосема поинаква, истата е веќе алармантна, и за тимот на Македонија ЃП има преостанато уште пет кола за да се спаси од најлошото.

„Сиот овој период од таборот на Македонија ЃП се изјавува дека ќе се бориме до крај и дека нема откажување. Така е и овој пат. Одиме да победиме, да освоиме бодови, како денес така и на сите преостанати мечеви до крајот на шампионатот, и се надеваме на поволен развој на настаните за нас“ – велат од Ѓорче Петров.