На стадионот во Гостивар денес ќе се одигра натпреварот меѓу Башкими и Македонија Ѓорче Петров, во рамките на 32-рото, односно претпоследно коло од домашниот фудбалски шампионат.
Адис Мурати смета дека оваа средба ќе биде одлична можност и за фудбалерите со помала минутажа да го покажат својот квалитет и да потврдат дека се иднината на клубот.
„На прв поглед ова е натпревар без резултатско значење, бидејќи Македонија ЃП веќе испадна, а Башкими го осигура опстанокот и го избегна баражот. Сепак, ние им должиме на нашите навивачи – сакаме да победиме на овој натпревар и на најдобар можен начин да докажеме дека Башкими и Куманово заслужуваат да бидат дел од Првата лига и мораме да продолжиме по тој пат. Се надевам дека на овој меч нашиот тренер ќе им даде шанса и на помладите, талентирани играчи кои немаа многу минутажа досега, бидејќи тие се иднината на нашиот тим“, изјави Мурати.
Во досегашните 14 меѓусебни пресметки на овие две екипи, Македонија ЃП има остварено седум победи, Башкими се радувал на четири триумфи, додека три средби завршиле без победник. Вреди да се напомене дека дури две од овие четири победи за Башкими се остварени токму во тековната натпреварувачка сезона.
Натпреварот меѓу Башкими и Македонија ЃП се игра попладнево на Градскиот стадион во Гостивар, со почеток во 16:00 часот.





