По големиот триумф над Башкими во Куманово, фудбалерите на Шкендија Арачиново се подготвени за нов подвиг во Првата лига. Овојпат на жешкиот терен против Брегалница во Штип.
„Атмосферата во соблекувалната е фантастична по победата во Куманово. Со последните засилувања го комплетиравме тимот и формата ни оди во нагорна линија. Екипата влегува во вистински ритам и делува сè посигурно на теренот,“ порачува офанзивецот Амир Нухија.
За амбициите на клубот нема дилеми, трите бода се единствената опција.
„Шкендија Арачиново е клуб со шампионски менталитет. Управата и верните навивачи од нас секогаш бараат победа, без разлика кој е од спротивната страна. Со иста таа желба и енергија влегуваме и во мечот во Штип“
Дополнителен мотив за „црвено-црните“ е и вечерниот термин од 18:30 часот, кој ветува вистински фудбалски спектакл.
„Посвежото време ќе ни дозволи да диктираме уште побрз, поагресивен и помоќен фудбал“, дециден е Нухија.
Брегалница претходно славеше во Арачиново, додека нивниот последен натпревар, во Штип, заврши без победник (1-1).
Натпреварот Брегалница – Шкендија Арачиново се игра на Градскиот стадион во Штип, со почеток од 18:30 часот.





