Омерагиќ за триумф на Вардар против Македонија Ѓ.П.

Со голот на Азер Омерагиќ во 52. минута, тимот на Вардар во рамките на петтото коло од домашниот шампионат, на свој терен, на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, славеше во градската пресметка против Македонија ЃП.

Натпреварот може да се оцени како просечен, особено од страна на Вардар, кој сезонава знаел да одигра далеку подобро. Клучен момент беше катастрофалната грешка на гостинската одбрана на самиот старт од второто полувреме. Пецов, во обид да го расчисти нафрлувањето на Данев од десната страна, со глава ја врати топката кон голманот Јанков, кој реагираше неспретно. Топката му падна од раце и тој накратко ја загуби од вид, но будниот Азер Омерагиќ беше на вистинското место. Со само еден потег ја испрати во празната мрежа и му донесе водство на домаќинот.

Претходно, Македонија ЃП имаше можност уште во првото полувреме да поведе. По асистенцијата на Христов во 7. минута, Гереро шутираше од добра позиција, но директно во Талески.

По примениот гол, Македонија ЃП се обиде да направи нешто повеќе пред противничкиот гол. Имаше неколку полушанси, но не и сериозна закана. Во последните моменти Клинтон излезе сам пред Талески, но шутираше над голот, а и онака беше досуден офсајд.