Пелистер ја изненади Шкендија со триумф во Тетово

Екипата на Пелистер успеа да победи на гостувањето кај Шкендија во Тетово, и со тоа да направи огромен чекор кон опстанокот во Првата лига. За тетовскиот тим, пак, ова беше голем „кикс“ во битката за титулата оваа сезона.

Први се заканија домашните играчи преку Ибраими во 9. минута, кога шутираше само крај голот. Во 33. минута Красниќи постигна гол, но истиот беше поништен поради чист офсајд.

Во 36. минута Пелистер успеа да стигне до предност. Топката се „прошета“ низ шеснаесетникот на Шкендија, за на крај Булатовиќ од пеналтикот да асистира до Спировски, кој од прва го совлада Гаје и донесе водство за гостите.

Сепак, пред крајот на полувремето Шкендија ја анулираше предноста. Зејнулаи почна акција по средината, додаде до Ибраими кој од левата страна шутираше прецизно во долниот лев агол на голот на Пелистер.

Во второто полувреме Шкендија имаше повеќе од играта, и шансите. Тамба имаше две супер шанси, но Јовчевски двапати одбрани. Следуваа обидите на Ибраими пред самиот финиш, кога најпрво од 4-5 метри шутираше над голот, а потоа по една одбиена топка исто така неговиот удар заврши над пречката.

Пелистер сето тоа го казни во 92. минута од средбата. Керим доби топка во шеснаесетникот и откосо од десно со прецизен шут го совлада Гаје за водство и за голема победа на Пелистер од Тетово.