Битолскиот прволигаш ќе биде домаќин на Струга која благодарение на низата успешни резултати во овој дуел влегува како фаворит.
Иако Пелистер ќе игра на домашен терен, единствената победа над Струга е извојувана во гости во текот на сезоната 2020/21, додека во Битола имаат два пати играно нерешено како дел од ПМФЛ, и уште еднаш во дуел од Втората лига.
– Денешниот натпревар има голема важност за нас, како и секој од оние што же уследат. Подготвени сме да го дадеме максимумот. Ќе играме на домашен терен и тоа е мотив плус за нас. На овој натпревар ние немаме што да изгубиме, наше е само да играме храбро до поволен резултат,- ни изјави Андреј Јовчевски, голманот на Пелистер.
Иако заслужи комплименти за играта во Куманово против Башкими, минималниот пораз од 1:0 за Пелистер става акцент на освојување бодови во следните натпревари за да може да го симне од себе психолошкиот притисок во борбата за опстанок.
Струга во пролетниот дел од сезоната започна со два порази од Шкендија и Силекс, поради што задоцнува седум бода зад првопласираниот Вардар и делува дека се оддалечува од борбата за титулата иако статистички има ефикасен напад и одбрана која ретко прима голови.





