Денеска актуелниот есенски шампион Вардар во рамките од 19. Коло на комплексот Петар Милошевски во Скопје до 13:00 часот како домаќин ќе го пречека тимот на Башкими.
По двете стартни победи пролетва, против Арсими односно Работнички, Вардар посакува и трета радост. Секако тоа, мора да се заработи на терен, со добра игра, ефикасност и цврстина во одбраната онака како што беше и во претходните две кола.
Вардар е ефикасен пролетва. Постигна осум гола, а прими само еден во два дуела.
„Да, добро го започнавме пролетниот дел од сезоната, и тоа секако дека ни годи. Сепак, никако не смееме да помислиме дека нештата за нас ќе одат лесно. Кога си играч на Вардар, секој меч значи битка и тоа вистинска затоа што секој противник дава максимум против нас. Нема дилеми тука. Така ќе биде и денеска. Башкими е незгоден на негов терен, но и на гостински. Знае оваа екипа и тоа како да одигра добро, но од друга страна ние сме подготвени. Знаеме што треба да направиме за да стигнеме до нова победа и три бода пролетва во шампионатот“ – изјави Давор Талески, чуварот на мрежата на Вардар.





