Победа на Струга ТЛ за продлабочување на кризата на Шкупи

Екипата на Струга Трим Лум забележа победа од 2-1 над ФК Шкупи, иако играше со играч помалку повеќе од 40 минути. На натпреварот одигран во Струга, домаќините први се заканија преку Малески, пред Мухареми да го загрози голот на Ангелети. Притисокот на домаќините продолжи и во два наврати со идентични акции, Мици и Диаке центрираа, но напаѓачите Малески и Хамза, ја упатија топката над голот.

Во следната акција, Струга Трим Лум дојде до водство. Арби Воша центрираше од десната страна, а Компаоре од непосредна близина постигна гол за 1-0.

Струга Трим Лум имаше уште две шанси за втор гол преку Малески, но голманот на Шкупи, Гроте, беше на висина на задачата. Во последната акција од првото полувреме, при брз контранапад на ФК Шкупи, Хајвали не успеа да го совлада домашниот голман Ангелети од 5 метри.

На почетокот на второто полувреме, Шкупи доби пенал и црвен картон за Диаке, по консултација со ВАР системот. Сигурен егзекутор беше Мухарем Сухел, кој ја испрати топката на едната, а голманот на другата страна, израмнувајќи на 1-1.

Во овој период, Шкупи бараше и втор гол, но обидот на Мехмети беше спречен од Ангелети.

Казната стигна брзо на спротивната страна, кога дефанзивецот на ФК Шкупи играше со рака во шеснаесетникот и главниот судија без двоумење покажа на белата точка. Сигурен егзекутор беше повторно Компаоре, кој го постигна својот 11-ти гол оваа сезона и ја врати предноста на Струга ТЛ за 2-1.

До крајот на натпреварот имаше обиди од Бојку и Шабани, но тие не го променија конечниот резултат.