Правилна проценка и целосно оправдана одлука на главниот судија, кој правилно ја препознава намерата на напаѓачот да изнуди прекршок во казнениот простор.
Имено, при анализата на ситуацијата може да се забележи дека одбранбениот играч зазема легитимна позиција и не презема недозволено дејство кое би претставувало прекршок согласно Правило 12 од Правилата на фудбалската игра, ниту има јасно видливо недозволено сопнување или друг казнив прекршок од страна на одбранбениот играч.
Напротив, напаѓачот настојува самиот да иницира контакт со противникот, по што следува неговото паѓање. Ваквото однесување укажува на обид да се создаде впечаток дека врз него е направен прекршок, со цел да се изнуди казнен удар. Самото постоење контакт меѓу играчите не претставува автоматски прекршок, особено кога контактот е инициран од напаѓачот, а одбранбениот играч не постапува на невнимателен или преостар начин во неговото движење.
Особено позитивен елемент во оваа ситуација е одличната поставеност на главниот судија, неговата близина до местото на настанот и соодветниот агол, со што си овозможи непосредно да ја процени природата на контактот, движењето на двајцата играчи и причината за паѓањето на напаѓачот, без да биде доведен во заблуда од неговата реакција.
Имајќи предвид дека на еден од спортските портали е објавена фотографија која очигледно е предмет на дигитална манипулација, со цел објективно и транспарентно информирање на јавноста го споделуваме автентичниот видеозапис од конкретната ситуација, а не врз основа на селективно прикажани или дигитално изменети фотографии кои можат да ја доведат јавноста во заблуда.





