Пресврти, четири гола и драма: Силекс и Брегалница ремизираа во Кратово

Инересен, возбудлив и неизвесен натпревар одиграа во Кратово екипите на Силекс и на Брегалница, кој на крајот заврши без победник 2:2.

Двата тима се сменија во водството, за на крајот мечот да заврши нерешено.

Први поведоа фудбалерите на Силекс, кои беа подобар противник во првиот дел, и во 7. минута стигнаа до предност. Талаков од десната страна упати топка на петерецот, каде Хаџи-Кимов си ја затресе сопствената мрежа.

Големи возбудувања имаше во вториот дел, кога Брегалница на стартот од вториот дел израмни. Стојанов излезе сам пред голот на Силекс, убаво се ослободи од Тимовски кој се обиде да сопре, а играчот на штипјани елегантно го совлада Џеков.

Силекс како да беше во шок по примениот гол, па прими и втор. Долга топка до Маско, излезе непотребно и голманот Џеков, па голгетерот на Брегалница успеа да го совлада од далечина.

Манојлов имаше шанса за израмнување каде шутираше над голот, а потоа Шуберт ја погоди пречката.

Израмнувачкиот гол го постигна Мишов во 82. минута по големата грешка на голманот Јашар. Но, чуварот на мрежата на Брегалница се извади за примениот гол со две добри одбрани, носејќи еден бод за својот тим.