Младинците на Работнички убедливи во дуелот против Тетекс

Во последниот натпревар од петтото коло во Младинската Супер лига, Работнички на домашен терен го совлада Тетекс со 4:1.

Работнички поведе со голот на Јован Миленковски во 4. минута. Во 33-тата истиот играч од пенал зголеми на 2:0, а по две минути игра во второто полувреме Андреј Николовски му носи предност на домаќинот од 3:0.

Ви 65-тата, Етник  Беџети намали на 3:1, а конечниот резултат го постави Горан Гапиќ во последната минута од натпреварот.

Лидерот Вардар на гостувањето во Битола освои бод откако мечот против Пелистер заврши без победник 2:2.

Пелистер поведе преку Јаков Пресилски во 27. минута. Десет минути подоцна Невзат Асани израмни на 1:1, а во 61-та, Мартин Талески му носи предност на домаќинот од 2:1. Вардар израмни преку Јасмин Лука Ѓорѓиев со голот постигнат во последните моменти од средбата.

Шкендија го совлада Шкупи со 4:2. Серијата погодоци ја отворија гостите и тоа во шестата минута преку Ринор Садики. Во 12-тата Флори Иљази израмни на 1:1, а на три минути пред крајот на првиот дел Бенарт Јани и носи предност на Шкендија од 2:1. Во 75. минута Иљир Џони го постигна вториот гол за Шкупи, а во завршница Тетовци преку Лори и Леарт Мехмети стигнаа до четвртиот триумф во досегашниот тек од сезоната.

Штипска Брегалница освои три бода на гостувањето во Охрид, а стрелец на победничкиот гол беше Александар Нехтенин во 38. минута.

Кадетите исто така го одиграа петтото коло во шампионатот. Водечките Пелистер и АП Брера освоија нови бодови и се зацврстија на првите две позиции.

Пелистер триумфираше над Македонија ЃП со 3:1. Битолчани поведоа уште во првата минута со голот на Матеј Кековски. Истиот играч во 53-тата зголеми на 2:0, а по точно еден час игра Ајхан Ајрула го постигна единствениот гол за гостите.

Победата на Пелистер ја потврди Боби Недановски со погодокот во 61. минута од натпреварот.

АП Брера триумфираше над Арсими со 3:0, а сите голови беа постигнати во второто полувреме. Во 49. минута Матеј Бочески го постигна првиот гол за Струмичани. Четири минути подоцна Филип Митев зголеми на 2:0, а третиот погодок беше дело на Глигорие Иванов во 58-та минута.

Најубедливата победа во оваа рунда ја забележа Брегалница која во Штип славеше над Тетекс со 5:0. Првите два гола на натпреварот беа постигнати преку Никола Николов, Петар Димитров во 57. зголеми на 3:0, а потоа во листата на стрелците се впишаа Матеј Фенев и Иван Ризов.

Тетовска Шкендија како гостин го совлада Работнички со 3:0. Аулон Куртиши во третата и 37. минута се запиша во листата на стрелци за предност од 2:0, а конечниот резултат го постави Ајет Реџепи во 43. минута.

Струга Трим Лум на гостувањето против Шкупи забележа победа од 2:0, а головите ги постигнаа Алтин Полиси и Ајет Таири.

Во Пионерската Супер лига исто така на програмата беше петтата рунда.

Пелистер ја совлада Македонија ЃП и го продолжи максималниот учинок во првенството. Натпреварот беше решен во второто полувреме кога Андреј Спировски, Дамјан Стрезовски и Ламбро Димитар Анастасовски го совладаа гостинскиот голман.

Второпласираната Брегалница во Штип славеше над Тетекс со 5:1. Домаќините поведоа уште во првата минута со голот на Душан Василевски. Во 42-та Лука Панов зголеми на 2:0, а по само три минути игра во второто полувреме Алмир Алии го постигна единствениот гол за Тетовци.

Во 68-та минута Иван Коцев го постигна третиот гол за Брегалница, а до крајот на натпреварот меѓу стрелците се впишаа Стефан Радевски и Дамјан Миташев.

Шкендија Тетово на гостувањето против Работнички триумфираше со 4:0, АП Брера и Арсими играа без победник 3:3 додека Шкупи ја совлада Струга Трим Лум со 1:0.