Продолжува агонијата на Шкупи – Македонија ЃП славеше во Чаир!

ЕАгонијата на Шкупи во ова првенство продолжува. И пред своите навивачи во Чаир, тимот доживеа нов пораз, 0:2 од Македонија Ѓорче Петров, во воведниот натпревар од 7. коло.

Веќе во 5. минута, по брилијантна индивидуална акција, напаѓачот Клинтон Осеј го донесе водството за гостите. Шкупи се закани за првпат преку Мухареми, чиј удар заврши во корнер. Во 35. минута, по центаршутот на Станковски, Мухареми шутираше со глава, но непрецизно.

Во 39. минута повторно Осеј беше во акција, топката стигна до него, а дефанзивецот Лорик Садики го собори во шеснаесетникот. Судијата Идризи веднаш покажа на белата точка, а одлуката беше потврдена и од ВАР. Искуствениот Симон Христов прецизно реализираше за 0:2, резултат со кој заврши првото полувреме.

Во второто полувреме, Шкупи се обиде да ја преземе иницијативата. Ристов и Назифи имаа обиди во 55. и 56. минута, но без реализација. Во 52. минута Назифи падна во шеснаесетникот и побара пенал, но ВАР процени дека немаше контакт со колумбискиот дефанзивец Кабаркас. Најопасната шанса за Македонија ЃП ја имаше во 66. минута Али Адем, кој упати силен удар од далечина, но голманот Амар Мелиќи со феноменална интервенција го сочува својот гол.

Со оваа победа, Македонија ЃП се враќа на победничките патеки по тежок старт на сезоната, покажувајќи дека со последните засилувања има потенцијал за уште поголем напредок. Од друга страна, кризата на Шкупи станува сè подлабока, по седум кола, тимот има исто толку порази.