Денеска стартуваше новата сезона во Втората македонска фудбалска лига. Најубедливата победа на отворањето ја забележа Работнички кој го совлада Кожуф со 3:0.
Првиот погодок беше дело на Андреј Кудијан во 18. минута по прецизно изведен удар од белата точка. Во 71-та, Аљмир Подграѓа зголеми на 2:0, а конечниот резултат го постави Александар Богданоски со голот постигнат на пет минути пред крајот на мечот.
Охрид на домашен терен славеше со 2:0 во дуелот против Новаци. Во третата минута од судиското надополнување Антонио Каланоски од пенал му донесе водство на домаќинот од 1:0.
Во 73-тата Антонио Марчевски израмни на 1:1, а трите бода на Охриѓани ги донесе Каланоски со голот во 81. минута.

Македонија ЃП и Тетекс постигнаа по еден гол за освојување на по еден бод. Гостите од Тетово поведоа со голот на Славчо Мисајловски во 28. минута, а стрелец на единствениот погодок за домаќинот беше Горазд Еминов Блажевски во 68. минута.
АП Брера триумфираше над Еуромилк со 2:0, а головите беа дело на Игор Ристов во 43. и Владимир Жоглев во 72. минута.
Беласица со голот на Рон Мемеди во 79. минута го совлада Осогово додека Детонит Плачковца исто така со 2:0 триумфираше на гостувањето против Шкупи. Гостите поведоа со голот на Давид Голубов во 31-та, а конечниот резултат го постави Филип Димоски во 59. минута.
Првото коло во ВМФЛ ќе се комплетира в недела со дуелот меѓу Пелистер и Камјани, а почетокот е закажан за 20 часот.





