Рапсодија во црвено и пет гола во мрежата на Лихтенштајн

Репрезентација на Македонија оствари убедлива победа над Лихтенштајн со 5:0 и се врати на првото место на табелата во групата Ј со 11 бода, по петтото коло од квалификациите за СП 2026. Доминација во секој поглед, одличен настап и придодавање на важни три бода на нашето салдо.

Македонија уште од почетокот најави дека е заинтересирана единствено за убедлив триумф. Елиф Елмас изведе магија во 15. минута, нанижа четворица противнички фудбалери и на крајот откосо од левата страна го совлада голманот Бухел.

Во завршницата од првиот дел, повторно се закани Елмас, а силен шут испрати и Александар Трајковски, но голманот на Лихтенштајн успеа да одбрани.

На стартот на второто полувреме со силен удар се закани капитенот Енис Барди, а топката мина за малку над гредата. Но, успеа да погоди и да зголеми на 2:0 во 52. минута, откако Бојан Илиевски продре по десната страна и одигра повратна топка за капитенот.

Само четири минути подоцна во листата на стрелците се запиша и Дарко Чурлинов.

Но, и тоа не беше крај, затоа што и Лирим Ќамили ја погоди мрежата на Лихтенштајн во 82.минута. Во последните мигови од регуларниот тек од мечот и Лука Станковски стрелаше за конечни и убедливи 5:0.

Селекторот Благоја Милевски до крајот на мечот направи неколку замени, а им даде можност за деби на официјален квалификациски натпревар на Елмин Растодер и на Решат Рамадани. Во игра влегоа и Лирим Ќамили, Милан Ристовски и Лука Станковски.

Следните квалификациски предизвици за Македонија се во текот на следниот месец.

Квалификации за Светско првенство 2026, 5. коло

МАКЕДОНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН 5:0 (1:0)

Национална Арена „Тодор Проески“. Судија: Хорациу Фесник (Романија).
Стрелци: Елмас 15′, Барди 52′, Чурлинов 56′ (М), Ќамили 82′, Л. Станковски 90′.
Ж. картони; Илиевски (М), Обервадицер (Л).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Илиевски, Стојчевски, Зајков, Алиоски, Алими (71′ Рамадани), Барди, Елмас (82′ Л. Станковски), Чурлинов (59′ Ќамили), Миовски (71′ Ристовски), Трајковски (59′ Трајковски).

ЛИХТЕНШТАЈН: Бухел, Малин, Трабер (38′ Бек), Хофер (46′ Обервадицер), Волфингер (61′ Мејер), Лухингер (А.Хаслер), Н. Хаслер, Селе, Гопел, Луке-Нотаро, Саглам (75′ Нецер).