Македонската репрезентација која е дел од развојниот турнир на УЕФА за играчи до 16 години во вториот настап во Струмица е поразена од Узбекистан со 2:0.
За разлика од првиот дуел со Северна Ирска, селектор Иљами Исејни направи неколку измени во стартниот состав и им даде шанса на фудбалери кои пред два дена на почетокот од натпреварот се најдоа на клупата за резервни фудбалери.
Узбекистан поведе во 39. минута, а стрелец на голот беше Берузбек Саматов.
Во претпоследната минута од првиот дел Александар Полимац имаше можност за израмнување, но неговиот обид го одбрани голманот Алмаз Ајупов, кој исто така одлично реагираше и во 58. минута по ударот со глава на Адријан Велески.

Во продолжението од натпреварот Македонија имаше уште две можности за израмнување. Во 71. Матеј Бочески шутираше, а Ајупов одбрани, а на пет минути пред крајот на мечот обидот на Стефан Ристиќ заврши крај голот.
Конечниот резултат го постави Рузимуродјон Рузимуродов во петтата минута од судиското надополнување.
Во последното коло Македонија се среќава со Турција, која денеска беше совладана од Северна Ирска со 3:2.
Натпреварот е на програмата в понеделник и ќе се одигра на теренот на тренинг центарот Горан Пандев.
МАКЕДОНИЈА: Димитар Петров, Филип Ѓорѓиоски (Матеј Бочески 60), Михајло Павлов (Илија Аксентиев 79), Матеја Масев (Џихан Ибраими 79), Александар Полимац (Митко Стојанов 60), Дардан Адеми (Павел Стојанов 60), Стефан Ристиќ, Марин Крстевски (Ефе Раифи 60) (Осман Исмаили 73), Огнен Сивевски (Арди Бајрами 60), Адријан Велески (Далибор Марковиќ 60), Благоја Седлоски (Марио Стојчевски 46).





