По двете врзани победи (2-1 против Скопје и убедливите 5-0 против Коњари во Купот), во таборот на Башкими владее вистинска еуфорија и оптимизам пред големото дерби со актуелниот шампион, екипата на Вардар.
Кумановци минатата недела го победија Скопје на гости, за прв триумф сезонава, а дека кризата е зад нив потврдија со петардата во мрежата на третолигашот БВБ Коњари, како идеална увертира пред денешната пресметка со скопските „црвено-црни“. Луис Рибеиро е во сјајна форма и посакува позитивната серија на Башкими да продолжи и денеска во Куманово.
„Пресметките против Вардар секогаш носат посебен мотив и емоција. Сакаме полни трибини и нова победа за продолжување на низата. Ги поканувам сите навивачи да ни дадат ветер во грбот, па на крајот заедно да славиме“, порача Рибеиро.
Иако традицијата е на страната на “црвено-црните” кои на претходните 18 меѓусебни дуели имаат 11 победи, наспроти 4 на Башкими и 3 нерешени резултати, кумановци се подготвени за борба до последен свиреж.
Дуелот меѓу Башкими и Вардар се игра денеска на Градскиот стадион во Куманово со почеток во 16:00 часот, а правдата на теренот ќе ја дели Александар Грујоски.





