Екипата на Македонија ЃП денеска во натпревар од 27. коло во домашното првенство оди на гостување кај АП Брера.
Тимот од Ѓорче Петров, пролетва води жестока битка за опстанок во елитното друштво. Со 23 бода на контото во моментов екипата е на претпоследната позиција на табелата, но далеку од тоа дека се е готово за некогашниот шампион и освојувач на Купот на Македонија.
Македонија ЃП има задача да освои што е можно повеќе бодови во следните седум кола и да чека поволен развој на настаните од дуелите каде што играат директните ривали.
„Никој не помислува на откажување, напротив. Ние сме Македонија ЃП. Се додека има шанса за опстанок на тимот ние ќе се бориме до последниот атом на силите. Напротив, мотивацијата и желбата за такво нешто не ни е намалена. Одиме против АП Брера како еден од конкурентите на табелата да одиграме на високо ниво и да освоиме бодови. За нас секој нареден меч е да се биде или не и така треба да се однесуваме“ – вели Марио Ричков.
Дуелот во Струмица започнува од 15:30 часот.





