Пелистер гостуваше во Тетово на почетокот од март, но со стартот на новиот трет првенствен круг, по само еден месец повторно ќе излезе на мегдан со Шкендија.
Во есенскиот дел на сезоната битолчани одиграа 0:0 под водство на Капинковски, а во март со Милан Стојаноски на клупата, загубија со 2:1. Од овој натпревар, Пелистер го предводи Марјан Секуловски, кој ќе биде на чело на битолскиот тим на патот кон опстанокот во лигата.
“Квалитетите на Шкендија се добро познати, тие се добро составен и воигран тим, со голем индивидуален квалитет на поединци. Имаме максимален респект за противникот, нивните резултати во првенството, Купот и особено во европските натпреварувања зборуваат сами за себе. Мора да одиграме тимски, смирено и дисциплинирано. Во овие десет дена, се обидовме да поставиме работи кои ќе бидат од корист за утрешниот натпревар. Посакуваме позитивен резултат, а за тоа да се случи мора да одиграме максимално сконцентрирано и да ги искористиме шансите”, укажува Секуловски, кој е свесен за пропуштените можности Пелистер претходно да го обезбеди опстанокот во лигата.

Новиот тренер смета дека атмосферата во тимот е на потребното ниво и дека периодот за тренинзи кој го имале за време на паузата дадена во првенството поради обврските кон репрезентацијата му овозможил да согледа колкав труд вложуваат играчите.
“Во фудбалот секогаш е можно сѐ! Иако Пелистер е во потешка ситуација на табелата, сонцето секогаш излегува за тие што се борат до крај. Ние ќе дадеме сѐ, за таквиот пресврт да се случи што поскоро”, оптимистички најавува младиот Габриел Крстевски.
Ривалите од борбата за опстанок, исто како и битолскиот клуб, ќе имаат тешка задача во ова коло: Работнички гостува кај Струга, а Македонија ЃП ќе игра со Вардар. Натпреварот во Тетово стартува од 13.30 часот, додека мечот на скопските клубови е од 15.30 часот. Утре ќе се игра последниот дуел во Струга.





