Шампионот ЖФК Скопје славеше во градското дерби против ЖФК Вардар

Дуелот меѓу градските ривали Вардар и Скопје им припадна на гостинските фудбалерки, а натпреварот беше решен во 88-та минута кога Бесарта Фида успеа да ја совлада противничката голманка.

Со овие три бода, Скопје го задржа чекорот со водечкиот Љуботен кој по пет одиграни кола има 13 бода додека актуелните шампионки до овој момент освоија 12.

На спротивната страна засилениот Вардар се уште ќе почека на првите бодови во новата сезона и денеска го забележа петтиот пораз во исто толку настапи во Фудбалскиот шампионат во женска конкуренција.

Лидерот на табелата Љуботен попладнево на гостувањето во Речица триумфираше со 8:2, а прва ѕвезда на мечот беше македонската репрезентативка Улза Максути која пет пати се запиша во листата на стрелци. По еднаш прецизни беа Хава Мустафа, Калина Попески и Михаела Додевска.  Анѓела Петковска и Леона Спасовска од пенал ги постигнаа погодоците за екипата на Речица.

Во ова петто коло најубедливата победа ја забележа Тиверија Брера која го совлада Кочани со 8:1.

По два пати прецизни беа Теона Галабовска, Павлинка Николовска и Билјана Панеска, а по еднаш меѓу стрелците се впишаа Кристабел Одуро и Ивана Илиева. На спротивната страна единствениот погодок за Кочани беше дело на Лина Мицовска.

Гостинска победа забележа и Каменица Саса која во Скопје славеше над ЖФК Истатов со 3:1.

Сите четири погодоци беа постигнати во второто полувреме. Јована Петрушова во 55. минута му носи водство на гостинскиот тим. Три минути подоцна Ана Димитровска зголемува на 2:0, а ви 63-тата Петрушова повторно е прецизна за предност од 3:0.

Во последните моменти од натпреварот Михаела Ивановска го постигна единствениот погодок за екипата на Истатов.

Последниот натпревар од петтото коло ќе се одигра на 17-ти овој месец, а се среќаваат Асс Јунајтед и Пелистер Про.