Екипата на Шкендија продолжува со победничката серија на почетокот на сезоната во Првата македонска фудбалска лига, откако ја запиша и петтата победа во првенството, и освои максимални 15 бодови.
Тетовскиот тим дури во вториот дел го скрши отпорот на домаќинот и апсолутно заслужено стигна до триумф во Кратово.
Шкендија и во првиот дел имаше шанси, преку Криезиу и преку Ибраими, но во двата наврати одбрани Џеков. Потоа Ибраими постигна гол кој беше поништен поради офсајд.
Лидерот на табелата дојде во предност во 53. минута. Ибраими нафрли, многу „гледачи“ на Силекс во петерецот, од каде Мелиќи успеа да го совлада Џеков.
Имаше потоа Силекс шанса преку Анѓелески, голманот Рамани не дозволи да биде совладан.
Во 88. минута Нзенгуе стави точка на победата. Доби одлична топка од Зејнулаи, излезе сам пред Џеков и пласираше мирно во мрежата за предност од 0-2 и за нова победа на Шкендија во првенството.





