Шкендија оствари важна победа во првиот натпревар од пролетниот дел, откако на домашен терен во Тетово ја совлада екипата на Струга ТЛ, и се врати во игра за одбрана на титулата. Тетовскиот тим дури во финишот го „скрши“ отпорот на гостите, и успеа да му го нанесе првиот пораз на гостински терен во сезоната, најавувајќи сериозна конкуренција за освојување на трофејот во ПМФЛ.
По првиот дел на дербито немаше голови, а главниот „виновник“ за тоа е голманот на Струга ТЛ Ангелети, кој во финишот му одбрани неверојатна шанса на Бесарт Ибраими. Немаше возбудувања се до крајот на првиот дел, кога најпрво ударот на Тамба беше изблокиран во корнер. Од изведениот корнер Ибраими со глава ја погоди целта, но Ангелети фантастично му одбрани во корнер. Повторно од изведениот корнер уште една шанса, овој пат обидот на Малиќи со глава завршува само сантиметри крај десниот дирек.
Ангелети имаше работа и на стартот на второто полувреме откако Шкендија беше решена да тргне по погодок. Во 73. минута шанса одново за Малиќи кој одново со глава е непрецизен, топката оди над голот.
Во 78. минута првиот гол на средбата. Ибраими повлече напад за Шкендија, шутираше од 25 метри, Ангелети одби до Трумчи кој додаде до осамениот Спахиу, а овој од само 3-4 метри спроведе во празната мрежа.
Десет минути подоцна Шкендија го реши прашањето околу победникот со вториот гол. Спахиу, херојот на овој меч, излезе во продор по еден противнапад, од десната страна асистираше до новото засилување на Шкендија, Ндзенгуе кој успеа да го зголеми резултатот на 2:0, што беше и конечен на дербито.





