Одиграни се мечевите од 10. коло во Младинската Супер лига по кои и натаму лидер е АП Брера додека еден од конкурентите за највисок пласман, Работнички е поразен во дуелот со градскиот ривал Шкупи.
АП Брера ја совлада Брегалница со 5:0 и остана единствена непоразена екипа во досегашниот тек од шампионатот. Двоен стрелец за Струмичани беше Иван Шириќ кој постигна голови во 41. и 57. минута, а по една прецизни беа Бојан Велков, Ѓорге Танчев и Габриел Талески.

Шкупи како гостин славеше во соочувањето со Работнички, а натпреварот беше решен во 71. минута кога мрежата на домаќинот ја затресе Нејази Нухија.
Еден погодок беше доволен за победа на Вардар во дуелот против Охрид Лихнидос, а стрелец беше Иво Марковски. Со оваа победа “црвено-црните” избија на второто место со четири бода помалку во однос на лидерот АП Брера.

Гостински победи забележаа уште Македонија ЃП и Њу Старс. Македонија ЃП триумфираше со 2:1 во мечот против тетовска Шкендија додека Њу Старс го совлада Пелистер со 4:3.
Башкими забележа победа од 4:2 во соочувањето со Тетекс додека Струга Трим Лум беше поуспешна од Тиквеш и славеше со 3:2.
Колото се комплетира в понеделник кога треба да се одигра мечот Арсими – Скопје.





