Скопје и Шкендија Арачиново се нови прволигаши, Пелистер и Брера АП ќе играат во Втора МФЛ

Фудбалските клубови Скопје и Шкендија Арачиново се новите членови на македонската фудбалска елита, по неверојатните и драматични бараж-натпревари во кои екипите на Пелистер и Брера претрпеа порази и се преселија во Втората лига.

ФК Скопје славеше минимално со 1-0 против тимот на АП Брера, додека Шкендија Арачиново по вистински пенал-трилер во Кавадарци беше поуспешна од Пелистер, откако регуларниот дел од средбата заврши со нерешени 1-1.

​Дуелот во Битола меѓу Скопје и Брера понуди максимално израмнета борба во текот на сите деведесет минути, а целата драма се одигра во самата завршница. Клучните моменти започнаа во 86. минута кога Ангелов пропушти колосална шанса да го доведе Скопје во водство, откако не успеа да реализира најстрога казна. Сепак, веќе во следниот напад, по одлично изведениот корнер од десната страна, Трајчевски најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и со помош на стативата ја смести топката во мрежата за огромна радост на гостите од главниот град.

​Уште поголема возбуда донесе пресметката во Кавадарци, каде што мрежите мируваа сè до второто полувреме. Екипата од Арачиново прва стигна до предност со погодокот на Назифи, кој одлично истрча еден брз контранапад и прецизно го матираше битолскиот голман. По примениот гол, фудбалерите на Пелистер тргнаа на сè или ништо, а таквата офанзива набрзо им донесе и пенал. Сепак, искусниот напаѓач Мирко Ивановски потклекна во оваа клучна ситуација, најпрво неговиот удар од белата точка беше одбранет, а потоа одбиената топка ја упати високо над гредата.

​Иако во тие моменти се чинеше дека битолчани се пред пораз, тие не се предадоа. Во судиското продолжение најпрвин ја погодија гредата, а во 97. минута, по асистенција на Спировски, Петковски постигна спасоносен гол за 1-1, носејќи го натпреварот во пенал-рулет.

​Лотаријата од белата точка се претвори во вистинска драма во осум серии, каде што апсолутен херој беше голманот на Шкендија Арачиново, Антонио Столевски. Тој најпрво одбрани пенал во четвртата серија, а во петтата одново блесна со одбранетиот удар на Ристевски. Иако тогаш започна голема прослава, главниот судија Стојчевски, по интервенција од ВАР-собата, го поништи пеналот бидејќи голманот предвреме излезе од гол-линијата.

Во повторениот обид Ристевски израмни на 4-4, по што капитенот на Шкендија, Нухија, ја пропушти првата меч-топка за својот тим.

​Драмата продолжи и во шестата серија со нови промашувања на двете страни, за конечно, во осмата серија, Столевски уште еднаш да го скроти ударот на Петковски. Во следниот напад, Дервиши беше ладнокрвен и прецизен од белата точка, со што официјално ја одведе Шкендија Арачиново во Првата лига.