Скопје ја посакува првата победа во елитата на дуелот со Арсими

Тежок распоред имаше новиот прволигаш Скопје во првите четири кола од шампионатот. Се сретна со екипи кои ќе конкурираат за самиот врв на табелата, па оттаму двете ремија и двата порази и не се ефект што треба премногу да разочарува. Избраниците на тренерот Муарем Муарем денеска се соочуваат со Арсими на гости во Гостивар и се надеваат дека би можеле да стигнат до првиот триумф во елитата.

„Одиме по трите бода. Нѐ очекува важен натпревар и силна борба за нови бодови. Веруваме во триумф“, порачуваат од Автокоманда.

Во пресрет на овој натпревар, Скопје се наоѓа на деветтата позиција со два бода, додека Арсими е на седмото место и има шест освоени бода.

Натпреварот меѓу Арсими и Скопје ќе се одигра денеска, со почеток во 16.30 часот на Градскиот стадион во Гостивар, а ќе го суди Влатко Илиоски.