Пелистер го пречекува Тиквеш во натпревар од 11. коло од ПМФЛ, а околностите прават тој да ја „крои“ судбината на двата клуба кои се загрозени во борбата за опстанок.
Битолскиот клуб има седум бода, а гостите од Кавадарци имаат осум, но и двата тима се во опасната зона, заедно со Шкупи и Работнички.
“За мене ова е специјален натпревар бидејќи за прв пат ќе ја водам екипата на домашен терен. Целта мора да ни бидат трите бода и враќањето кон победите, бидејќи само така можеме да опстанеме во елитното друштво. Можеби јавноста гледа фаворити во нас, ние ќе се обидеме да го оправдаме тоа, но Тиквеш не е екипа за потценување. Тие имаат резултатска криза, изгубија два натпревари во кои одиграа добро. Особено се опасни во нападот, но ние веруваме дека можеме да одиграме на потребното ниво и да стигнеме до посакуваната цел. Дел од играчите закрепнаа од повредите, имаме поситни проблеми, но речиси сите се во конкуренција за настап и тоа нема да биде наша слаба точка како во претходните натпревар”, вели Милан Стојаноски, кој го презема кормилото на тимот по одигрување на 9. коло.
Пелистер лани доби два од трите дуели со Тиквеш, а досега нема пораз во Битола од Кавадарчани во првенствен натпревар, но еднаш бил поразен во дуел од Купот. Во вкупно шест натпревари од ПМФЛ, два пати славеле битолчани, три пати играле нерешено, а единствената победа на Тиквеш датира од дуелот во сезоната 2021/22.
Натпреварот ќе се игра со почеток во 17 часот во Битола.





