Мурати: Се надеваме дека ќе се вратиме во Чаир непоразени

Шкупи ја продолжува потрагата по првата победа во оваа сезона. Поразот во Куманово против Башкими е оставен на страна и сега концентрацијата е насочена кон предизвикот со Струга Трим Лум.

Според договорот, Шкупи ќе игра на теренот на Струга Трим Лум како домаќин, но Нешат Мурати верува дека сите фудбалери на екипата од Чаир ќе го дадат својот максимум.

„Струга е силен тим. Ние сме домаќини, но сепак решивме да играме во Струга. Тоа ќе биде предност за нив, но ние ќе го дадеме максимумот. Имаме почит кон струшкиот тим и добро го анализиравме во сите аспекти. Нашата цел е да не излеземе поразени од овој натпревар. Евентуална победа многу би ни значела како тим. Работевме напорно во текот на целиот овој период, но слободно можам да кажам дека ни недостасуваше среќа на многу натпревари. Се надеваме дека ќе се вратиме во Чаир непоразени“, изјави меѓу другото Нешат Мурати.

Натпреварот меѓу Шкупи и Струга Трим Лум ќе се одигра на стадионот во Струга, со почеток во 13:30 часот.